Иневстицискиот фонд Аполо Спортс Капитал е новиот мнозински акционер на Атлетико Мадрид, објави шпанската прва фудбалска лига.
„Атлетико Мадрид и неговите главни акционери, Мигел Анхел Хил, Енрике Серезо, Квантум Пацифик Груп и фондовите управувани од Арес Менаџмент, постигнаа договор Аполо Спортс Капитал (ASC), глобална компанија за спортски инвестиции, да стане мнозински акционер на нашиот клуб“, објави клубот.
Четирите поранешни главни акционери ги намалија своите удели за да му дозволат на новиот инвеститор, сега најголемиот акционер на клубот, да стекне удел. Клубот објави дека Мигел Анхел Хил и Енрике Серезо ќе продолжат да го водат Атлетико како извршен директор и претседател на одборот и ќе останат акционери, гарантирајќи го континуитетот и визијата на проектот и нивното водство.
„Инвестицијата на ASC ќе ја зајакне позицијата на нашиот клуб меѓу фудбалската елита и ќе ја поддржи нашата амбиција да постигнеме долгорочен успех за милиони наши фанови низ целиот свет. Акционерите планираат да обезбедат нов капитал за поддршка на долгорочните планови на клубот, вклучувајќи понатамошни инвестиции во тимот и големи инфраструктурни проекти.
Ова вклучува развој на Градот на спортот, нов спортски и забавен центар веднаш до стадионот „Ријад Ер Метрополитано“.
„Целта на овој проект е да стане светска дестинација за спорт, слободно време, култура и социјални активности“, се додава во соопштението.
Финансиските детали од договорот не се откриени, а пазарните проценки за вредноста на Атлетико се движат помеѓу 2,5 и 3 милијарди евра, врз основа на неодамнешните финансиски резултати, вредни земјишни средства и конзистентно учество во Лигата на шампионите во текот на изминатите 13 сезони.
Аполо е брзорастечка, глобална компанија за управување со средства. Според најновите податоци, Аполо има приближно 908 милијарди долари средства под управување.
