Атлетико Мадрид можеби е лидер во Ла лига, но тимот на Диего Симеоне планира целосен ремонт на тимот за следната сезона, тврдат шпанските медиуми. Според „Ел ларгуеро“, „рохибланкос“ се подготвени да се ослободат од дури шест фудбалери од првиот тим.
На листата изненадувачки се двајца досега незаменливи фудбалери на тимот, Саул Нигуез и Хозе Марија Хименез, а на нив им се приклучуваат Лукас Тореира, Шиме Врсаљко, Витоло и Муса Дембеле.
Саул има одиграно дури 33 меча за Атлетико оваа сезона, а тој е постојана „мета“ на Манчестер јунајтед веќе неколку сезони, додека Хименез, иако имаше мускулна повреда, одигра 22 меча оваа сезона.
Тореира е на позајмица во Арсенал, но јавно кажа дека сака да се врати во Јужна Америка по смртта на неговата мајка од КОВИД-19, додека ветеранот Врсаљко има одиграно само 10 меча оваа сезона. Дембеле е во Атлетико на позајмица од Лион од јануари, но Симеоне не е убеден во неговите квалитети и најверојатно нема да ја искористат опцијата да го продолжат неговиот договор.