Top Sport

Атлетико се заканува на Барса за договорот со Гризман

Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо ги предупреди Барселона дека ќе има „последици“ ако се открие дека каталонскиот клуб потпишал пред-договор со Антоан Гризман минатиот март додека неговата клаузула за напуштање на клубот била за 80 милиони евра повисока од сегашната.

Се очекува Барса да го објави доаѓањето на Французинот следната недела со откуп на клаузулата која Атлетико ја спушти од 200 милиони евра на 120 милиони евра на 1 јули. Но, извршниот директор на Атлетико, Мигуел Анхел Хил пред две недели изјави дека верува дека Гризман се договорил со Барселона во март, додека клаузулата била 200 милиони евра.

Серезо пак, денеска вели дека ќе има последици ако ситуацијата е таква.

„Вистината е дека не знам што направија, но ако велите дека тој потпишал тогаш, ќе следуваат последици. Не изгледа нормално, но јас не знам дали тој има или нема потпишано договор и дали воопшто ќе оди во Барселона. Ќе дознаеме за неколку дена“, изјави Серезо.

Од Барселона засега воопшто не го коментираат Гризман откако тој на крајот на сезоната призна дека заминува од Атлетико Мадрид. Французинот во моментов е на одмор во Мајами и се очекува да се врати во Шпанија следната недела.

Атлетико го срушија својот рекорд со Жоао Феликс, за кого платија 126 милиони евра на Бенфика, и веднаш му го дадоа бројот 7 кој досега го носеше токму Гризман.

Scroll to Top