Top Sport

„Атомски“ финиш на Ибаи против Џирона (видео)

Џирона имаше предност од 2:0 против Алавес по 70 минути игра во понеделничкиот меч во Ла лига, пред Ибаи да комплетира хет-трик за баскискиот тим да си замине со 3:2 победа од гостувањето во Каталонија.

Новиот прволигаш Џирона беше во добра позиција да стигне до петтата победа оваа сезона, откако Стуани во 59. и Хуанпе во 62. минута го „шокираа“ противникот за убедливо водство по две третини од натпреварот.

Тогаш на сцена стапи, Гомез Перез Ибаи, 28-годишниот напаѓач на Алавес, кој во 72. минута ја искористи несигурната интервенција на голманот Боно да намали на 2:1, а во 87. минута беше сигурен од белата точка, откако голманот направи старт кој беше за црвен картон, но судијата се одлучи само за предупредување.

Кога се веруваше дека двата тима ќе се задоволат со поделба на поените, Ибаи повторно беше најснаодлив во шестнаесетникот на Џирона во 93. минута, последната од судиското надополнување за неверојатни сцени на „Монтоливи“.

Ова е само трета победа во 14 кола за Алавес, кои неодамна го донесоа Абелардо како главен тренер, и тимот останува на 19. место во Ла лига со три поени помалку од Депортиво Ла Коруња во „безбедната“ зона.

Scroll to Top