Top Sport

Автобусот на Барселона „залутал“ во Саудиска Арабија

Обидот на Барселона да ја одбрани титулата од шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија започна на најлош можен начин, откако тие доцнеа 45 минути на првиот тренинг во Џеда во средата, откако возачот на нивниот автобус ја згрешил насоката.

Барселона утре игра во полуфиналето со Атлетико Мадрид, и требаше да тренираат на терените на локалниот клуб Ал-Итихад, но возачот наместо тоа ги однел на стадионот „Крал Абдула“, каде што ќе се одигра мечот.

Двете локации се на 30 километри еден од друг, и поради сообраќајната мешаница стигнале 45 минути подоцна, по што беше откажана прес-конференција на тренерот Ернесто Валверде и Серхио Бускетс.

Реал Мадрид и Валенсија играат во второто полуфинале вечерва, во новиот формат на Суперкупот кој е дело на претседателот на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), Луис Рубијалес. Тригодишниот договор за Суперкуп во Саудиска Арабија тежи вкупно околу 120 милиони евра.

Scroll to Top