Фудбалерот на Реал Мадрид, Еден Азар е прогласен за најдобар белгиски фудбалер кој игра во странство, за минатата 2019 година. Азар не присуствуваше на церемонијата на доделување на наградите. Тој ја санира повредата која го оддалечи од терените.

Играчот од средниот ред на Реал во борбата за ласкавото признание беше подобар од фудбалерот од средниот ред на Манчестер Сити, Кевин де Брујне и голгетерот од редовите на Интер, Ромелу Лукаку.

„Другите двајца исто така ја заслужуваат оваа награда. Во Челси добро ја завршив сезоната, во Реал Мадрид беше малку покомплицирано. Како што сите знаат, за време на отсуството добив неколку килограми поради повредата. Се чувствувам добро во Реал Мадрид, ова е најдобриот клуб во светот. Сонот ми се оствари. Ми се допаѓаат стадионот и навивачите“ – изјави Азар.

Белгиецот трета година по ред ја добива оваа награда. Беше прогласен за најдобар фудбалер од Белгија во странство во 2017 и 2018 година.