Top Sport

Азар се врати, Реал само 2:2 со Селта! (видео)

Еден Азар го заигра првиот меч за Реал Мадрид по подолга пауза, но ниту тој не беше доволен „кралскиот“ клуб да извлече победа, одигрувајќи само 2:2 со Селта на „Сантијаго Бернабеу“.

Гостите најавија дека се дојдени во шпанската престолнина да играат фудбал уште во седмата минута, кога Федор Смолов избегна офсајд стапица и го совлада немоќниот Тибо Куртоа. Реал доминираше во играта и во поседот на топката, но чекаше дури до 50. минута да израмни кога Тони Крос доби убава топка од Марсело и стрелаше за 1:1.

Тимот на Зинедин Зидан успеа да дојде во водство во 65. минута кога беше досуден пенал по стартот на голманот Бланко, а капитенот Серхио Рамос не згреши од белата точка.

Но, гостите стигнаа до поенот во 86. минута, кога по една прекрасно одработена акција, Санти Мина истрча на вистинско место и го совлада Куртоа.

Со ремито, Реал пропушти шанса да ја врати предноста од три поени пред Барселона и сега имаат 53 поени, само еден пред вечните ривали. Селта, пак, излегува од зоната за испаѓање со 31 поен на 17. место, исто колку што имаат и 18-пласираните Мајорка со послаба гол-разлика.

Scroll to Top