Раководните луѓе на германскиот гигант Баерн Минхен не се откажуваат од напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн. Челниците на баварскиот тим требаше да пристигнат во Лондон да се обидат да го убедат претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, да го продаде Кејн. Тоа е одложено, но намерата на Баерн да го има Кејн во тимот е секако максимално сериозна.
Баерн Минхен е подготвен да плати 90 милиони евра отштета за Кејн кој денеска го слави својот 30. роденден. Француските медиуми пренесуваат дека ПСЖ се вклучил во играта, барајќи напаѓач кој ќе ја наследи нивната ѕвезда Килијан Мбапе.
Договорот на Кејн со Тотенхем истекува следното лето и тој би можел да го напушти клубот без обештетување. Кејн постигна рекордни 280 голови на 435 натпревари за Тотенхем. Тој е и рекордер во репрезентацијата на Англија со 58 гола на 84 натпревари.