Top Sport

Бака: Милан живее на „стара слава“

Напаѓачот на Вилјареал, Карлос Бака вели дека италијанскиот гигант Милан „предолго живее на стара слава“ и дека нема да се најдат лесно решенија на проблемите кои ги имаат.

Бака од 2015 до 2017 година играше за „росонерите“, но во интервју за „Марка Колумбија“, не го цени времето поминато во црвено-црниот дрес многу високо.

„Милан не беше чекор назад во мојата кариера, но тоа не беше Милан кој го знаеме од историјата. Не можеш да живееш само од историја, а Милан одамна не е меѓу најдобрите. Отидов таму поради историјата, но наидов на многу непријатни изненадувања“, вели Бака.

Милан неодамн го отпушти Винченцо Монтела и на негово место го донесе Џенаро Гатузо, но тоа не донесе најдобри резултати и драстичен пресврт во формата и покрај тоа што во текот на летото беа потрошени над 100 милиони евра за засилувања.

„Тие бараат решение, но последните две години не одат во тој правец. Кажаа дека е тренерот и го сменија. Потоа имаше проблем со играчите, и потпишаа со уште многу играчи. Потоа донесоа нови директори. Во фудбалот има ери на доминација – Јувентус и Наполи се засилија многу последните години, но не и Милан“, додава Бака.

Тој исто така вели дека пресреќен што игра во Шпанија.

„Фудбалот во Шпанија ми одговара многу повеќе, бидејќи имам повеќе слобода. Во Италија фудбалот е тактички и ригиден, така што ги правиш истите движења на тренинг и во мечевите. Тука тренерот бара од мене да ја прочитам играта и да се движам“, завршува Колумбиецот.

Scroll to Top