Top Sport

Балотели: Јас сум виновен што Меси и Роналдо заедно имаат 12 „Златни топки’

Италијанскиот фудбалер Марио Балотели истакна дека тој е виновникот што 12 „Златни топки“ освоија Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Балотели имаше големи проблеми во однесувањето во текот на неговата кариера, поради што многумина веруваат дека тој никогаш не ги достигна височините што можеше да ги има со неговиот талент.

„Не се трудев доволно и тоа придонесе Меси и Роналдо заедно да освојат 12 „Златни топки“, кои секоја година им се доделуваат на најдобрите играчи во светот. Мојот менаџер Мино Раиола, кој почина минатата година, секогаш ми го велеше истото: „Ако Меси и Кристијано Роналдо имаат толку трофеи, ти си крив“. Беше во право, премногу често играв со само 20 проценти од моите можности“, изјави Балотели, кој моментално е член на швајцарскиот Сион.

Одличниот напаѓач сепак мисли дека може да избори место во италијанската репрезентација.

„Кога го носам дресот на репрезентацијата, чувството е неверојатно. Отсекогаш сум се согласувал со тренерот Роберто Манчини, не е точно дека сме се скарале во Сити. Сè уште мислам дека можам да играм за репрезентацијата“, изјави поранешниот играч на Интер, Милан, Ливерпул и Манчестер Сити.

Балотели за италијанската репрезентација одигра 36 натпревари и постигна 14 голови. Последен пат на теренот за репрезентацијата истрча во 2018 година, а шест години претходно беше финалист на ЕП.

Во текот на својата кариера, тој освои трофеи со Милан, вклучувајќи ја титулата во Серија А и Лигата на шампионите, а беше шампион во Премиер лигата и победник на ФА Купот со Сити.

Scroll to Top