По неуспешната епизода во италијанска Бреша, поранешниот репрезентативец на „Азурите“ – Марио Балотели (30) од почетокот на јули годинава е без клуб, а се чини дека така ќе остане уште некое време.
Контроверзниот напаѓач повторно крена прашина откако ја одби понудата на францускиот прволигаш Сент Етјен. На клубот му пропадна можноста да го доведе на позајмица Мбаје Нијанг, па сега се во потрага по напаѓач.
Од клубот наведуваат дека на Балотели му понудиле договор со неделна плата од 100.000 евра (плус бонуси за учинок), но неговиот менаџер Мино Раиола тоа го одбил.
Менаџерот на луѓето од клубот им кажал дека Балотели моментално не е заинтересиран за договор. Причината не е незадоволство од условите или тоа што би требало повторно да настапува во Лига 1, туку, според Раиола, причина е што на Италијанецот „главата не му е во фудбалот“, тој во моментов не сака да игра.
Дали причината е пандемијата на коронавирусот и страв од зараза останува непознато, но секако би било прерано поранешниот играч на Интер, Милан, Манчестер Сити, Ливерпул, Ница, Олимпик Марсеј и Бреша уште сега да ги „закачи копачките на клин“.