Барселона официјално ги претстави финансиските извештаи за сезоната 2019/20, кои покажуваат дека клубот има загуба од 97 милиони евра, предизвикана од пандемијата на корона вирусот, иако претходно проценуваа дека првпат ќе имаат приходи од милијарда евра.
Клубот проценува дека ќе имаше профит од 2 милиони евра доколку не се случеше пандемијата, а вкупно поради болеста ќе имаат загуба од огромни 203 милиони евра.
„Барселона не се имуни на КОВИД-19, кој имаше огромно влијание на спортската индустрија и со загуби за сите големи европски клубови. Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) проценува дека вкупната загуба од 4 милијарди евра. Барселона ја заврши годината со приход од 855 милиони евра, далеку под предвидените 1.047 милијарди евра предвидени во буџетот“, изјави на прес-конференција потпретседателот на клубот, Жорди Моикс.
Вкупниот долг на Барса достигнува 488 милиони евра, а од корона вирусот се загубени пари од билети (47 милиони евра), продажба на дресови (35 милиони евра) и посета на музејот (18 милиони евра).