На адреса на Динамо Загреб пристигнала официјална понуда од Барселона за шпанскиот репрезентативец Дани Олмо. Оваа информација за „Индекс“ ја потврдил менаџерот на фудбалерот Енди Бара.
„Во клубот пристигна официјална потврда, но не смеам да ја откријам сумата. Динамо мора да реши дали понудата е доволна. Клубот е главен во оваа приказна, клубот ќе реши околу трансферот“, рекол Бара.
Јасно е дека Дани Олмо во јануарскиот преоден рок ќе го напушти Динамо, тоа тој и го потврдил деновиве во едно интервју за шпанските медиуми.
„Мојот циклус во Динамо е готов“, рекол Олмо.
Понудата од Барселона е втора официјална што за овој фудбалер пристигнала на „Максимир“. Во летниот преоден рок Борусија Менхенгладбах понудиле 23 милиони евра за Олмо.
Инаку според „Трансфермаркт“ цената на Олмо изнесува 35 милиони евра, а шпекулациите велат дека Динамо за својот фудбалер бара 40 милиони евра.
Олмо се поврзува и со клубовите од Манчестер, Јунајтед и Сити, но и со Атлетико Мадрид.