Барселона преку соопштение се закани дека ќе ја тужи Рома барајќи отштета за нивното откажување на учеството на Гампер трофејот, традиционалниот меч за стартот на сезоната на каталонскиот клуб.
Пријателскиот меч вообичаено е првиот на „Ноу Камп“ за каталонскиот клуб, и овојпат поканети беа Рома за меч на 6 август, кој би вклучувал и дуел на женските екипи на двата клуба. Но, Рома, објави дека се повлекува поради „потреба за менување на планот за летните пријателски мечеви“ за да се влезе во новата сезона со максимална подготвеност. Оваа одлука наиде на бес во Барселона.
„Барселона објавуваат дека Рома еднострано, без причина реши да се повлече од договорениот меч од Жоан Гампер трофејот на 6 август. Клубот работи на пронаоѓање на нови противници, а легалниот тим на клубот ја разгледува можноста за барање на отштета за Барселона и навивачите поради оваа неоправдана одлука“, се вели во објавата на Барса.