Top Sport

Барса може најмногу да троши, Реал е втор, Атлетико се доближува

Барселона и Реал, очекувано водат на финансиската табела во шпанската Ла Лига, а според најновите податоци опасно им се доближува Атлетико Мадрид.

Ла Лига ги објави лимитите за секој клуб, односно колкава сума на пари за плати, кон играчите и членовите на стручниот штаб, можат да одвојат клубовите за сезоната 2018/2019.

Јасно е дека предвидениот лимит клубовите не мора да го потрошат. Извештајот на Ла Лига не покажува колку клубовите издвојуваат на плати, туку колку реално можат да издвојат за таа намена.

Убедливо на првата позиција е Барселона, следува Реал Мадрид, па Атлетик, Валенсија, Севилја…

Барселона располага со речиси 633 милиони евра, а Реал на располагање има 66,5 милиони евра помалку од најголемиот ривал. Каталонците беа на врвот и минатата сезона, но тогаш разликата со „кралскиот клуб“ била само осум милиони евра.

Каталонците оствариле таков напредок поради новите спонзорски договори, продажбата на неколкумина играчи и заминувањето на Андрес Иниеста. Исто така во делот на буџетот за плати влегуваат и сите спортски секции, поради што Барселона со својата лепеза на спортови има предност во однос на Реал.

На третото место Атлетико за плати може да потроши 293 милиони евра, што е за повеќе од 50 милиони евра во однос на претходната сезона.

Ова само покажува дека „колчонерос“ се во подем на сите полиња, бидејќи прет три години Барселона и Реал можеа за плати да издвојат три пати повеќе пари од Атлетико.

Уште само три екипи имаат буџет со девет цифри: Валенсија (164 милиони евра), Севилја (162) и Вилјареал (109).

На дното на оваа табела се наоѓа Ваљадолид со скромни 23,8 милиони евра, што може да ги издвои за плати на играчите и стручниот штаб.

Ваквите големи разлики во најголем дел се резултат на широката навивачка база што ја имаат Барселона и Реал, но и поради приходите од ТВ правата, која во Шпанија е неравномерно распределена, што не е случај во англиската Премиер лига.

Scroll to Top