Најавеното „големо“ засилување за Барселона, Усман Дембеле нема да биде во составот за дуелот со Реал Бетис, откако тренерот Ернесто Валверде реши да го казни за пропуштањето на тренингот на клубот во четвртокот.
Валверде вели дека не се работи за посебна казна за Французинот, но очигледно не беше импресиониран од неговото однесување, по шпекулациите дека на Барса им е „преку глава“ од неговото однесување и може да го продадат веќе во јануари.
„Не се работи за казна, секој може да го протолкува тоа како што сака. Тешко се стигнува до талентот на Дембеле и мораме да му помогнеме да го најде тоа. Сакаме да го извлечеме максимумот од секого во тимот“, изјави Валверде.
Дембеле нема толку лош старт на сезоната, постигнувајќи 6 гола и 2 асистенции, меѓутоа проблемот е во „непрофесионалноста“ – каталонските медиуми тврдат дека тој не држи спортска диета, не се концентрира на тренинзите. Според каталонскиот „Спорт“, тимот панично се обидувал да го најде Дембеле час и половина откако во четвртокот тој не се појавил на тренингот, стравувајќи дека нешто му се случило.
Дембеле дојде за 145 милиони евра на „Ноу Камп“ како замена за Нејмар, и тоа на начин кој требаше да го покаже неговиот карактер – тој „штрајкуваше“ во Борусија Дортмунд во обид да принуди трансфер.