Top Sport

Барса постави рекорд – продаде фудбалери за 221 милиони евра

Во последната недела на финансиската година 2018/19, Барселона продаде уште четири фудбалери за 77.4 милиони евра, збогувајќи се со Јаспер Силесен, Андре Гомеш, Денис Суарез и Марк Кармона.

Со заминувањето на овие фудбалери, заедно со продажбите кои ги направи каталонскиот гигант од 1 јули 2018, се искеширани вкупно 221 милиони евра, што е рекордна година за Барса, јавува „Марка“.

Во минатото, Барселона постојано беше критикувана за способноста да продаде играчи, а трансферот на Нејмар од 222 милиони евра не се земаше во предвид бидејќи тогаш Пари Сен-Жермен едноставно го откупија неговиот договор.

Но, под водство на Оскар Грау и Пеп Сегура и ова се смени, а најинтересно е што заминаа фудбалери на кои тренерот Ернесто Валверде не смета, како во случајот на Силесен, или кои сами сакаат да заминат. Единствен исклучок е Паулињо, кој Валверде го сакаше, но понудата од Кина беше предобра да се одбие.

Вкупно 14 фудбалери заминаа од „Ноу камп“ минатата финансиска година: Паулињо (50 милиони евра, Гуангжу), Силесен (35 милиони евра, Валенсија), Јери Мина (30.2 милиони евра, Евертон), Андре Гомеш (25 милиони евра, Евертон), Пако Алкасер (23 милиони евра, Борусија Дортмунд), Лукас Дињ (20.2 милиони евра, Евертон), Денис Суарез (12.9 милиони евра, Селта), Алеш Видал (8.5 милиони евра, Севилја), Марлон (6 милиони евра, Сасуоло), Хозе Арнаиз (5 милиони евра, Леганес), Марк Кармона (2.5 милиони евра, Осасуна), Марк Кукурела (2 милиони евра, Алавес), Мунир Ел Хадади (1 милион евра, Севилја) и Руиз де Галарета (0.5 милиони евра, Лас Палмас).

Scroll to Top