Top Sport

Барса со „кисела“ реакција на одлуката на Меси: Реши да оди во лига со помалку побарувања

Барселона преку соопштение изјави дека ја сфаќа одлуката на Лионел Меси да ја одбие нивната понуда за враќање на „Ноу Камп“ бидејќи тој сакал да се „натпреварува во лига со помалку побарувања“.

Откако стана јасно дека Меси нема да ја продолжи кариерата со Пари Сен-Жермен, Барселона постојано се обидуваше да го обезбеди неговото враќање, но вчера Меси потврди дека се решил за Интер Мајами во МЛС лигата бидејќи не можел да чека дали Барселона ќе ги обезбедат условите со Ла лига за негово враќање.

Барселона реагираше со „кисело“ соопштение на социјалните мрежи.

„Во понеделеникот, Хорхе Меси, таткото и претставникот на играчот, го информираше претседателот на клубот Жоан Лапорта за одлуката да се приклучи на Интер Мајами. Ова дојде и покрај тоа што имаше предлог од Барса, поради желбата на клубот и на Меси повторно да бидат заедно. Претседателот Лапорта ја разбира и почитува одлуката на Меси да се натпреварува во лига со помалку побарувања, далеку од центарот на јавноста и притисокот кој го чувствуваше последните години“, се вели во објавата на Барселона.

Барселона повторно имаат проблем со лимитот на трошење од страна на шпанската Ла лига, и може да инвестираат само 40 отсто од сите пари кои ќе ги заштедат или заработат. Ова значеше дека дури и Меси да се согласеше да игра бесплатно, тоа ќе потрошеше 25 милиони од лимитот на клубот поради претходните плати, во слично сценарио како кога Меси замина од Барселона во август 2021.

Scroll to Top