Барселона е под истрага на УЕФА по откривањето на скандалот во кој поранешното раководство уплатило повеќе милиони евра на сметката на компанијата на поранешниот потпретседател на судиската комисија, Хозе Марија Енрикез Негреира.
„Случајот Негреира“, може да има огромни последици за каталонскиот клуб – се соочува со исфрлање од сите натпреварувања на УЕФА доколку биде прогласен за виновен.
Како што објави шпанската телевизија „ТВ3“, а пренесе „Марка“, челниците на Барселона веќе почнале да бараат алтернативни натпреварувања доколку УЕФА ја исфрли од своите натпреварувања.
Најверојатните решенија засега се дека Барселона ќе игра пријателски натпревари и на тој начин ќе заработува за да може финансиски да опстане.
Друга опција е клубот да се приклучи на некоја од азиските лиги. Може да се случи и Барселона да игра во некоја од европските лиги, но оваа можност допрва треба дополнително да се истражи.
Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта неодамна се сретна со Александер Чеферин, претседателот на УЕФА, и наводно му ги објаснил деталите за случајот со надеж дека УЕФА нема строго да го казни клубот.