Таткото на Ирвинг Лозано, попознат кај своите фанови како Чаки, потврди дека Барселона се „распрашувала“ за стрелецот на голот за победа над Германија во првиот меч од Мундијалот.
22-годишниот Лозано ги шокираше Германците откако имаше одлична сезона во ПСВ Ајндховен постигнувајќи 19 голови и додавајќи 11 пати во 34 натпревари за холандскиот гигант. Сега, неговиот татко Хезус Лозано потврдува дека каталонските гиганти се заинтересирани за неговиот син, но не знае дали ќе е можен трансфер ова лето.
„Имаше приод од Барса, но засега нема ништо конкретно и јасно. Кога ќе заврши Мундијалот, тогаш ќе имаме подобра слика за иднината, дали ќе остане во ПСВ или ќе оди во друг клуб“, вели Хезус Лозано за „ЕСПН“.
И пред Мундијалот, за Лозано беа заинтересирани повеќе клубови, но од Премиер лигата – Манчестер сити, Челси и Евертон. Мексиканскиот селектор Хуан Карлос Осорио верува дека неговата ѕвезда најдобро ќе игра токму во Англија.
„Мислам дека кој ќе се реши да ризикува со него, нема да згреши. Неговата брзина и способност со топката значи дека може да игра во било која лига на било кое место. Премиер лигата? Совршено за него“, изјави Осорио за „Скај спортс“.