Top Sport

Кутињо и Нејмар за „спас“ за Бразил и тешка победа над Костарика

Филипе Кутињо во 91. минута успеа да го собори „бункерот“ на Костарика за минути подоцна и Нејмар да додаде за 2:0 победа откако во текот на целиот меч беа исфрустрирани од солидните аутсајдери, а им беше и поништен пенал по консултацијата со ВАР системот.

Еден ден по шокот за Аргентина, првите јужноамерикански фаворити, Бразил беа блиску до второ реми на Мундијалот, откако никако не успеваа да бидат ефикасни во нападот, а првата ѕвезда Нејмар се изнапромашува.

Костарика од стартот, нормално, влезе дефанзивно во мечот и ретко излегуваше од својата половина, но сите напади на Бразилците завршуваа неуспешно. Нејмар првпат се закани во 10. минута кога нафрли во шестнаесетникот, но одбраната ја реши опасноста.

Најголемата шанса на почетокот ја имаа аутсајдерите, кога Гамбоа по одличното истрчување по десната страна му додаде на Борхес, кој од идеална ситуација го утна голот.

Бразил во 23. минута повторно беше во шанса откако Нејмар му нафрли на Тијаго Силва, кој со глава удира над голот. Во 28. минута, Филипе Кутињо совршено го наоѓа Нејмар, но неговиот шут завршува во рацете на Кејлор Навас.

По лошото прво полувреме, „селесао“ тргна офанзивно по победа. На стартот на второто полувреме, Габриел Жесус со глава ја погодува пречката, по што Кутињо има одличен удар, кој Гамбоа го исфрла од голот.

Нејмар во 57. минута повторно е шанса, а две минути подоцна убавиот удар на Кутињо завршува во рацете на Навас. Костарика имаше ретка шанса во 60. минута, кога Бразилците реагираа панично во одбраната. Во 72. минута, Нејмар има одличен шут, но тој поминува само покрај голот.

Моментот кој ќе се коментира најмногу беше во 78. минута, кога Нејмар добива допка од Жесус, и е соборен во шестнаесетникот. Судијата Бјорн Куиперс прво покажува на белата, точка, но на крајот пеналот е поништен по консултацијата со ВАР, а Нејмар добива и жолт картон.

Кога се мислеше дека Бразил ќе мора да калкулира како да се пласира во осминафиналето, Филипе Кутињо ги спаси „селесао“ од срамота со гол по мешаницата пред голот на Навас. Ова е втор гол на Кутињо на шампионатот, откако тој го постигна одличниот гол при 1:1 ремито со Швајцарија.

Нејмар, конечно, успеа да се впише во листата на стрелците во 96. минута од мечот, откако победникот беше решен, а „бункерот“ на Костарика беше веќе срушен.

Фото: ЕПА

Scroll to Top