Атлетико Мадрид на клупската интернет страница објави соопштение во кое порача дека Антоан Гризман утре мора да се појави на почетокот на подготовките за новата сезона.
Гризман сака да го напушти Атлетико, тоа му го дозволува откупната клаузула која до 15 јули изнесува 120 милиони евра. Барселона е најсериозниот кандидат за неговиот потпис, а директорот Оскар Грау во четвртокот одржал состанок со луѓето од Атлетико.
Во соопштението клубот од „Ванда Метрополитано“ нуди објаснување зошто трансферот се уште не е комплетиран.
„Барселона излегоа со предлог да го пуштиме Гризман, а тие дури потоа да ја исплатат откупната клаузула. Ние таа понуда ја одбивме. И Барселона и фудбалерот покажаа дека не го почитуваат Атлетико и нашите навивачи“, стои во соопштението.
„Гризман на 14 мај не информираше дека ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната. Дури потоа дознавме дека со Барселона тој се договорил уште во март, во деновите кога игравме против Јувентус во Лигата на шампионите. Барселона и Гризман преговарале од февруари. Како резултат на се ова Атлетико бара од играчот, неговата сестра, која е негов менаџер и адвокат, да ги почитуваат одредбите од важечкиот договор и тој в недела да се појави на почетокот на подготвките“.
Доколку навистина го сакаат Гризман Барселона ќе треба трансферот да го реализираат во наредните девет дена, бидејќи по 15 јули неговата откупна клаузула повторно се враќа на 200 милиони евра.
Comunicado oficial acerca de las declaraciones del presidente del FC Barcelona, Josep María Bartomeu, sobre Griezmann.https://t.co/AZHdsnn0AI
— Atlético de Madrid (@Atleti) July 5, 2019