Top Sport

Барселона ја победи Валенсија за да дојде на чекор до титулата (видео)

По кошмарното испаѓање од Лигата на шампионите од Рома, Барселона се врати на рутината со 2:1 победа над Валенсија за да дојдат на чекор до титулата од Ла лига и да постават рекорд од 39 натпревари без пораз во шпанското првенство.

Тимот на Ернесто Валверде успеа да „прокоцка“ 4:1 предност од првиот меч во Рим, губејќи со 3:0 во четврт-финалето на ЛШ, меѓутоа во шпанската лига остануваат непоразени по 32 кола и сега имаат предност од 14 поени пред второпласираните Атлетико Мадрид.

Против „Ел че“, кои пристигнаа во каталонската престолнина со пет победи во низа, „Блауграна“ удри рано, откако Луис Суарез ја избегна офсајд-стапицата на Валенсија во 15. минута и доби совршена топка од Филип Кутињо за рано водство.

Кутињо беше вклучен и во вториот гол на Барселона во 51. минута, кога по неговиот корнер, Самуел Умтити со глава упати топка кон голот, а по лошата интервенција на Нето, топката заврши во голот.

Сепак, финишот на „Ноу Камп“ беше „нервозен“, откако во 86. минута беше досуден оправдан пенал за Валенсија, а Даниел Парехо беше сигурен од белата точка.

Фото: ЕПА

Scroll to Top