Барселона напорно работи на засилување на играчкиот кадар пред новата сезона. Клубот веќе се договори со Френк Каси и Андрес Кристенсен, во тек се преговори со Роберт Левандовски, Цезар Аспиликуета и Маркос Алонсо, но на крајот се може да биде залудно.
Финансиските проблеми ги кочат активностите на Блауграна на пазарот, а доколку не ги реши, Барса нема да може да регистрира играчи. Ваков проблем Барселона имаше и минатото лето, поради што од клубот мораше да замине Лионел Меси, а неколку играчи прифатија нивните плати да бидат намалени за 50 отсто.
На ист начин, првиот човек на клубот Џоан Лапорта, ќе се обид да ги реши финансиските проблеми и ова лето. Барселона ќе мора да ги испегла финансиските книги до крајот на јуни, па затоа „Мундо Депортиво“, пишува за намерата на каталонскиот клуб да им ја предложи идејата за финансиска жртва на играчите. за да може тимот да се засили пред почетокот на следната сезона.
Минатото лето беа жртвувани четворицата капитени – Џерар Пике, Серхио Бускетс, Жорди Алба и Серхи Роберто, а овој пат се очекува платите да им бидат намалени на сите од првиот тим. Исклулок ќе бидат фудбалерите кои неодамна ги продолжија договорите: Ансу Фати, Педри и Роналд Араухо, и оние кои пристигнаа во клубот оваа зима Пјер-Емерик Обамејан и Феран Торес.
„Мундо Депортиво“ понатаму во својот текст наведува дека челниците на Барса веќе започнале преговори со одредени играчи и дека во наредните денови во преговорите ќе бидат вклучени и други првотимци.
Што се однесува до оние кои Чави ги пречкрта, ќе мора да најдат нова средина или во спротивно клубот ќе преговара со нив за раскин на договорот со исплата на споменатите 50 отсто од платата.
„Еден од начините за заработка е да ги продадете највредните играчи во тимот“, им порача на луѓето од Барселона, првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас.
Тој минатата недела ја предупреди Барселона дека во овој момент финансиите не и дозволуваат да ги регистрира засилувањата. Наводно, клубот веќе преговара со Манчестер Јунајтед за трансферот на Френки де Јонг и за него бара 85.000.000 евра.