Тренерот на Селта, Клаудио Хиралдез изјави дека навивачите на Барселона на расна основа го навредувале фудбалерот на неговиот тим Илајш Мориба за време на натпреварот во шпанското првенство.
Хиралдес рече дека 22-годишниот Мориба, по потекло од Гвинеја, бил расно навредуван кога бил заменет во финишот од натпреварот, кој Барселона го доби со 4:3 на домашен терен.
„Жално е што ова се случува и денес во фудбалот“, изјави Хиралдес на новинарите.
Мориба помина низ фудбалската школа на Барселона пред да стигне до првиот тим.
Тој потпиша за Лајпциг во 2021 година, откако германскиот клуб му понуди подобар договор и оттогаш имаше позајмици во шпанската лига за Валенсија, Хетафе и Селта.
Шпанскиот фудбал има многу проблеми со расизмот, бидејќи често има инциденти каде некои навивачи ги навредуваат фудбалерите со темна кожа.