Top Sport

Барселона се враќа на „Ноу Камп“, но сè уште не може да игра натпревари

Повеќе од две години по почетокот на реновирањето на „Камп Ноу“, фудбалерите на Барселона ќе се вратат на својот стадион на 7 ноември, но само за тренинг кој ќе биде отворен за јавноста, објави каталонскиот клуб во петокот на својата официјална веб-страница.

„Првиот тим на ФК Барселона официјално ќе се врати на „Камп Ноу“ во петок, 7 ноември, за тренинг отворен за јавноста пред навивачите на Барса. Овој тренинг ќе служи како техничка и оперативна проба за да се обезбеди правилно функционирање на системите, пристапните точки и разните други аспекти на објектот, што е еден од условите во процесот на постепено повторно отворање“, се вели во соопштението.

Барселона ќе наплаќа билети за овој настан: цената од 5 евра ќе ја платат оние што поседуваат годишни билети, а 10 евра е цената за сите други. Сите приходи ќе бидат донирани во добротворен проект кој го поддржува менталното здравје на хоспитализираните деца и тинејџери, објасни клубот.

Бројот на седишта е ограничен на 23.000, а гледачите ќе можат да седат во делови од главната трибина и зад јужниот гол.

Градскиот совет на Барселона го ограничи моменталниот капацитет на „Камп Ноу“, на 27.000 гледачи, и поради таа одлука, каталонскиот клуб продолжи да игра домашни натпревари на Олимпискиот стадион во Монжуик, кој може да прими 45.000 гледачи.

Затоа, во Барселона го одложија враќањето на „Камп Ноу“ додека не добијат дозвола да дозволат најмалку 45.000 гледачи да влезат на реновираниот стадион.

Кога реновирањето ќе биде целосно завршено и стадионот ќе добие дозвола за полн капацитет, ќе може да прими 105.000 гледачи, што е најмногу во Европа. Барселона ги процени трошоците за реновирањето на огромни 1,5 милијарди евра.

Scroll to Top