Top Sport

Батшуаи не „чинеше“ во Челси, „растура“ за Дортмунд (видео)

Мичи Батшуаи и во вториот натпревар за Борусија Дортмунд постигна гол, предводејќи ги „милионерите“ до 2:0 победа над Хамбургер.

Откако против Келн минатата недела постигна два гола за 3:2 гостинска победа, овојпат белгискиот напаѓач кој пристигна на „Сигнал Идуна парк“ како замена за Пјер-Емерик Обамејанг (кој замина за Арсенал) во 49. минута од мечот ја искористи одличната асистенција на Кристијан Пулишиќ за трет гол во два натпревари во Германија.

Марио Геце во 92 минута од мечот по еден брз контра-напад доби одлична топка од Ширле за сигурна победа на Дортмунд, со која Борусија е на третото место на табелата со 37 поени, еден помалку од РБ Лајпциг, но 16 помалку од лидерот Баерн Минхен. Хамбургер нема победа во девет меча и во моментов е на претпоследното место и ги очекува тешка борба за опстанок.

Додека „милионерите“ се враќаат во форма, Баер Леверкузен забележа 0:2 пораз од Херта Берлин, додека на два меча од 22. коло од Бундеслигата имаше по шест гола – Ајтрахт со 4:2 го совлада Келн, а Хофенхајм беше подобар со ист резултат од Мајнц.

БУНДЕСЛИГА, 22.КОЛО

Баер Леверкузен – Херта 0:2

Борусија Дортмунд – Хамбургер 2:0

Ајнтрахт Франкфурт – Келн 4:2

Хановер – Фрајбург 2:1

Хофенхајм – Мајнц 4:2

Scroll to Top