Top Sport

Баждаревиќ: Фудбалерите ме сакаа, политичарите не

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Мехмед Баждаревиќ во интервју за францускиот весник „Л’Екип“ тврди дека ја имал поддршката на своите играчи, но не и на политичарите.

Баждаревиќ си замина од кормилото на БиХ по неуспешните квалификации за Светското првенство во Русија, и сега вели дека до разделбата дошло поради „спортски, но и политички причини“.

„Ме прашаа да ли сакам да продолжам да работам. Им дадов еден амбициозен план кој се состоеше од повеќе различни работи. Сакав да ги промовирам играчите од домашната лига, а инсистирав и на подобри услови за работа, како дополнителни терени, но тоа не го сакаа. Најважно беше што играчите бараа да останам и беа задоволни од моите квалитети“, вели Баждаревиќ, посочувајќи дека во БиХ има само еден вистински терен за тренинг во Зеница.

56-годишниот Баждаревиќ е поранешен тренер на Гренобл и Сошо во Франција, каде што подолго време живее со своето семејство. Босна и Херцеговина уште го нема именувано неговиот наследник.

Scroll to Top