Top Sport

„Бејл е среќен во Мадрид, не е сè во парите“

Герет Бејл до истекот на договорот ќе остане во Реал Мадрид, потврди неговиот менаџер Џонатан Барнет. Договорот на Велшанецот истекува во јуни 2022 година. Бејл во зимскиот преоден рок се поврзуваше со својот поранешен клуб Тотенхем. Бернет тврди дека наводниот трансфер е новинарска измислица.

„Луѓето не знаат што се случува. Бејл има уште две години од договорот со Реал, среќен е во Мадрид. Ајде да бидеме реални, повеќето клубови не играат на нивото на кое што тој може да биде. Не е се во парите, мора да мисли на сопругата и децата. Неговиот живот е тука во Мадрид“, рекол Барнет.

Пред неколку дена англиските медиуми тврдеа дека платата била единствената пречка поради која Бејл не прифатил трансфер во Тотенхем. Крилниот напаѓач во Реал има неделна плата од 600.000 евра.

Одлуката да остане до крајот на договорот во Реал сигурно нема да му се допадне на претседателот Флорентино Перез. Математиката е јасна, негвата плата е голем товар за клубот.

Кога ќе се пресметаат платата и даноците што Реал треба да ги плати за истата до јуни 2022 година, Бејл клубот ќе го чини близу 90 милиони евра.

Менаџерот на Бејл не ги „заборавил“ ниту шпанските медиуми кои често го критикуваат неговиот клиент.

„За жал тие се занимаваат со неговиот начин на живот, со тоа што не зборува шпански…Тој е еден од најдобрите играчи кои од Велика Британија дошле во Шпанија. Никогаш не пишуваат за добрите работи што ги направил“, заклучил Барнет.

Scroll to Top