Герет Бејл е подготвен да се пензионира од клупскиот фудбал по крајот на договорот со Реал Мадрид (вреден 600.000 фунти неделно) следното лето, но е подготвен да се врати за Светското првенство во Катар доколку Велс се квалификува, тврдат британските медиуми.
31-годишниот Велшанец минатата сезона играше како позајмен фудбалер во Тотенхем, но сега се враќа во Мадрид за уште една сезона по што во јуни 2022 би се пензионирал, но би останал со велшката репрезентација во текот на зимата, кога ќе се оддржи Мундијалот во Катар, тврди „Мирор“. Велс имаат три поени од првите два меча од квалификациите за СП – пораз од Белгија и победа над Чешка.
Можноста и 2021/22 да ја помине во Тотенхем, беше отфрлена од неговиот агент, Џонатан Барнет, кој тврди дека тој ќе остане во Реал Мадрид под водство на старо-новиот тренер, Карло Анчелоти, со кого очекува многу подобра соработка отколку со Зинедин Зидан.