Герет Бејл верува дека неговата ситуација во Реал Мадрид не може да се поправи и решил што е можно побргу да си замине со можност за трансфер веќе во јануари, тврди „ЕСПН“.
Поранешниот напаѓач на Тотенхем беше блиску до заминување од „Бернабеу“ во текот на летото, кога можниот трансфер во Кина беше сопрен во последен момент, а сега по состанокот со агентот Џонатан Барнет во понеделникот во Лондон, излезот од Мадрид е сè поизвесен.
Според „ЕСПН“ главната причина за незадоволството во „кралскиот клуб“ се лошите односи со менаџерот Зинедин Зидан и постојаните проблеми со повредите. „Распадот“ на односите со Зидан во текот на летото продолжил и оваа сезона и тој сака брз трансфер, иако неговата висока плата и недостастокот на клубови кои би ги дале тие пари ја прават ситуацијата многу тешка.
Бејл ја имал поддршката од соиграчите во Реал, но Зидан и неговиот тим веруваат дека Велшанецот „живее во свој свет“ и дека би било подобро за сите тој да замине. Ова е уште една „капка“ во бурата која последните денови се создаде околу Бејл, кој побара од Реал да не ги објавуваат неговите медицински картони според правото кое го има со шпанскиот закон за заштита на личните податоци.
Денеска, пак, Зидан изјави дека има добри односи со Бејл.
„Имаме добра врска, тој е силен фудбалер и тренира добро. Кога не е достапен, не е достапен бидејќи има проблем. Сите знаеме каков е тој фудбалер. Патувањето во Лондон е лична работа, и тој побара дозвола од клубот која ја доби. Нема позадинска приказна. Мене никогаш не ми зборел за заминување“, вели Зидан.