Герет Бејл воопшто не е заинтересиран за враќање во Премиер лигата и е „многу среќен“ во Реал Мадрид, клуб со кој би можел да игра до пензија, вели неговиот агент Џонатан Барнет.
Шпекулациите околу заминувањето на 30-годишниот напаѓач од „Сантијаго Бернабеу“ никогаш не престанаа последните неколку години, а сега пред летниот преоден рок постои вест дека Њукасл сака да направи голем потег и да го засили тимот со Бејл.
Неговиот агент Барнет останува на мислењето дека тој сака да остане во Мадрид до крајот на својот договор во 2022 година, а можеби и подолго.
„Немам поим колку е неговата вредност. Неговата плата е висока и сега е важно каде тој ја гледа својата иднина. Како што секогаш кажував, тој е многу среќен во Мадрид. Има одличен животен стил, пријатели, познаници и не гледам зошто не би ја завршил кариерата во Реал. Финансиски е обезбеден до крајот на својот живот и за своите деца и внуци. Има освоено речиси сè, освен Светското првенство. Да се врати во Премиер лигата би била голема работа, но не верувам дека сака да го направи тоа“, вели Барнет.
Бејл отиде во Шпанија во 2013 од Тотенхем и оттогаш има 249 настапи и 105 голови, освојувајќи една титула од Ла лига и четири од Лигата на шампионите.