Шпанскиот дефанзивец на Арсенал, Ектор Белјерин не е повикан со шпанската репрезентација во Русија, што му даде доволно простор да размислува за иднината.
Познат по својот екстравагантен начин на облекување, 23-годишниот Белјерин во интервју со „Велт симпл“ магазинот вели дека има големи планови откако ќе ја заврши кариерата.
„Долгорочниот план е да станам моден креатор. Ја гледав мојата мајка како се облекува кога бев дете и имав идеи самиот. Не сакам само да испринтам маичка со моето име да ја ставам на продажба. Сакам да направам нешто поинаку, нешто што ќе биде ценето за својот квалитет“, вели Белјерин.
Дефанзивецот кој својата младост ја помина во славната „Ла масија“ академија на Барселона открива што направил кога ја добил првата плата.
„Во фудбалот сите имаме една торба која ја носиме на тренинг, и сите доаѓаат со модел на ’Гучи’ или ’Луј Витон’. Со првата голема плата, нормално го купуваш тоа. Моето семејство не беше многу богато кога раснев и затоа го ценев секое евро“, објаснува Белјерин.