Легендата на германскиот фудбал, Франц Бекенбауер влезе во дебатата за неуспехот на Германија на Мундијалот во Русија, праќајќи прикриена порака кон Месут Озил и неговото повлекување од репрезентацијата со обвинувања за расизам.
Германија како актуелен шампион испадна по групите по шокантните порази од Мексико и Јужна Кореја, нешто што не помина најдобро кај германските медиуми, кои делумно го посочија Озил како причина за слабите игри. По ова се отвори темата за репрезентативците кои немаат германско потекло, и Озил се повлече од репрезентацијата велејќи дека „кога победувавме, бевме Германци, сега сме имигранти“.
Бекенбауер смета, дека генерално, имало недостасток на желба за успех кај репрезентативците по огромниот успех од 2014.
„Однадвор, имав впечаток дека страста се намали во четирите години по освојувањето на титулата. Затоа, потребно е да се направи ново градење на националниот тим, со гладни фудбалери. Пеењето на химната на почетокот на мечот има неколку улоги. Тој што ја пее химната ослободува енергија, а не ја тргнува само гумата за џвакање“, вели Бекенбауер за „Билд“.
Иако директно не го именува Озил, фудбалерот на Арсенал честопати беше на удар на критиките за тоа што никогаш не ја пее германската химна пред натпреварите.
„Кога свири химната, јас се молам и сигурен сум дека тоа ни дава сила и самодоверба за победа. Штета што некој ме осудува за тоа, но мислам дека е поради тоа што не ја знаат причината“, изјави Озил пред СП во Русија.