Фудбалската репрезентација на Бечгија, го оствари најголемиот успех во историјата, откако на Светското првенство во Русија, го освои третото место. Претходно најголемиот успех на Белгијците беше четвртото место освоено на СП во 1986 година. Белгија до триумфот над Англија 2:0, во „малото финале“, дојде со головите на Муние и Азар.
Победата во натпреварот за бронзениот медал , Белгија го најави во првиот напад. Одличната контра и асистенцијата на Шадли, во гол ја претвори Муние во четвртата минута.
Двете селекции, во првото полувреме, играа отворено, но без вистински гол шанси. Англија, повеќе ја контролираше топката, но Белгија лесно се справуваше со нападите на противникот.
Англичаните притисокот кон голот на Куртоа го зголемија во второто полувреме, а Белгија во вторите 45 минути се реши шансата да ја бара преку контранападите.
Најсериозната можност за израмнување, за Англија ја имаше Ерик Даер. Играчот на Тотенхем го совлада Куртоа, но на гол линијата интервенираше неговиот соиграч од клубот Алдревирелд.
Потоа Белгија се обиде со две контри, а откако тие не поминаа, од третата Азар стави точка на натпреварот. Де Брујне повлече контра во вистински момент го проигра Азр кој го совлада Пикфорд.