Top Sport

Белгија и Англија во меч за кој е многу тешко да се мотивираш

Како да останеш мотивиран за меч кој никој не сака да го игра? Англија и Белгија ќе имаат различни одговори на ова прашање за денешниот меч за трето место, но останува фактот дека по поразите во полуфиналињата на СП, доаѓа најсуровиот меч на светот.

Герет Саутгејт и неговата англиска репрезентација ќе се обидат да го направат вториот најголем успех по освојувањето на титулата во 1966 година, со што ќе се надмине четвртото место во Италија во 1990 година.

„Имаме шанса за медал на Светското првенство, нешто што досега само еден англиски клуб го направи, така што тоа е нашата мотивација. Ги кренавме очекувањата со ова првенство и имавме верба во нашите квалитети. Сега повторно да се игра фудбал за Англија е забавно, а не огромен товар“, вели Саутгејт.

За белгискиот селектор, Роберто Мартинез, мечот претставува шанса да се замине од Русија со добро чувство и со играње на атрактивен фудбал за да се инспирира новата генерација.

„Сакаме да победиме. Кога завршувате еден турнир, го носите чувството од последниот натпревар. Белгиските фанови го заслужуваат тоа, а за нас начинот на игра е клучен, не само за овој турнир, туку за идните генерации“, објаснува Мартинез.

Третото место би бил најголем успех во историјата на Белгија – тие беа четврти во 1986 година, кога загубија во продолженијата со 4:2 од Франција.

Двете репрезентации ќе го играат седмиот меч во последните 26 дена, а веќе се сретнаа во групната фаза, во меч кој наликуваше на пријателски. Двата тима веќе беа квалификувани за осминафиналето и играа со „вторите“ тимови, а Белгија стигна до 1:0 победа благодарение на фантастичниот гол на Аднан Јанузај.

Мечот на „Крестовски“ во Санкт Петербург почнува во 16 часот.

Scroll to Top