Top Sport

Белгиски тренер доби отказ откако ги нарече навивачите мајмуни

Белгискиот тренер Лук Ејмаел доби отказ од клубот од Танзанија, Јанг африканс откако на прес-конференција минатата недела ги спореди сопствените навивачи со мајмуни и кучиња кои лаат.

Ејмаел, кој во својата кариера бил тренер во 10 различни африкански земји последната деценија, доби отказ од клубот од танзаниската престолнина Дар-ес-Салам по интервјуто кое го даде по 1:1 ремито со Мбитва шугар минатата среда.

Тој изјави дека свиркањето од трибините по неговите тактички промени покажувале непознавање на фудбалот.

„Во оваа земја се целосно глупави! Можат само да врескаат. Тие се како мајмуни или кучиња кои лаат. Тоа е единствено што го знаат. Ништо друго“, изјавил Ејмаел.

Танзаниската фудбалска федерација потврди дека ќе поведе дисциплинска постапка против 60-годишниот тренер и дека ќе го пријави на ФИФА. Од клубот пак порачаа дека ќе направат сè што е можно Ејмаел итно да ја напушти земјата.

Scroll to Top