Белгија, еден од тимовите кои можат да се сметат како фаворити од сенка на Светското првенство во Русија, ги стартуваше своите натпревари со убедлива победа од 3:0 над дебитантот на големите натпреварувања, репрезентацијата на Панама.
Белгија веднаш ја презеде контролата на топката, и прво се заканија преку Караско во шестата, и Мертенс во осмата минута од мечот. И покрај ова, Панамците солидно се бранеа и создаваа многу проблеми за напаѓачкиот тим на фаворитите.
Во 21. минута, Де Бројне се обиде да го пронајде Лукаку, но во последен момент топката беше исфрлена во гол-аут. Де Бројне и Азар создаваа доста шанси за Лукаку и Мертенс напред, но на полувреме се отиде со 0:0.
Белгија дојде до предност во 47. минута, кога напаѓачот на Наполи, Дрис Мертенс постигна фантастичен гол со волеј-удар, сигурно еден од најдобрите голови досега на шампионатот.
WHAT A STRIKE BY MERTENS ? #WorldCup #BELPAN pic.twitter.com/kyfoAleitg
— World Cup Goals (@FIFAWCGoals) June 18, 2018
Панама на ова одговори со неколку добри акции преку Мурилјо, но тогаш на сцена стапи напаѓачот на Манчестер јунајтед, Ромелу Лукаку. Прво во 69. минута, по одличната акција на Азар и Де Бројне, играчот на Сити го најде Лукаку, кој лесно со глава ја смести топката во голот. Само шест минути подоцна, Лукаку доби фантастична топка од Азар, за уште еден лесен гол.
Со ова Лукаку покажа дека е посебно инспириран кога го носи белгискиот дрес, бидејќи со овие два гола има неверојатни 15 голови во последните 10 меча за „ѓаволите“.
Фото: ЕПА