Само неколку месеци му беа потребни на 20-годишениот англиски играч за врска Џуд Белингем за да се наметне како нов предводник на Реал Мадрид. Тој во Мадрид пристигна со огромни очекувања поради обештетувањето од 100 милиони евра што за него го доби Борусија Дортмунд.
Веќе е сосема очигледно дека доколку ги избегне повредите, ќе биде одлична инвестиција на Реал и уште долго ќе биде еден од најдобрите играчи во светот. И покрај тоа што е играч од редот за врска, тој од почетокот на сезоната е водечки стрелец на Реал со 10 гола на исто толку натпревари.
Белингем беше одличен и во синоќешниот настап за англиската репрезентација при убедливата победа од 3:1 против Италија на Вембли.
„Во моментов уживам во фудбалот. Луѓето во клубот и репрезентацијата ми даваат слобода да играм како што сакам. Во последните неколку месеци работев на начинот како да влегувам во шеснаесетникот, секогаш кога тоа е можно, а кога го правам, гладен сум за голови. Морам да ги исполнам големите очекувања, без разлика дали се работи за гол или асистенција. Реал Мадрид е клубот во кој сакам да бидам во следните 10 до 15 години од мојот живот. Ми се допаѓа таму. Доаѓањето во Реал дефинитивно ме подобри. Кога секојдневно сте покрај соиграчи со таков менталитет и квалитет, тоа ве носи на едно ново ниво психички, физички и технички“.
Foto/ EPA