Најславниот португалски клуб Бенфика, во јануарскиот преоден рок, ќе се обиде да го донесе во своите редови македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Португалците тврдат дека Бенфика на Наполи ќе им ја понуди опцијата, позајмица со право на откуп.
Наполи е во финансиска криза, медиумите во Италија тврдат дека фудбалерите неколку месеци не добиле плата. Во јануари сигурно од клубот ќе замине Аркадијуш Милик, а Елмас е вториот кој се поврзува со друга екипа.
Тренерот на Бенфика, Жорге Жесус, исклучително ги ценел квалитетите на Елмас, особено му е важно што македонскиот репрезентативец може да покрие неколку позиции во тимот.
Елмас, спротивно од очекувањата, оваа сезона не добива доволно минути за настап од тренерот Џенаро Гатузо. Неговиот договор со Наполи истекува во 2025 година.