Поранешниот тренер на Ливерпул, Челси и Њукасл, Рафаел Бенитез вели дека нема шанси да се врати во Премиер лигата барем до крајот на неговиот договор со кинескиот Далијан Јифанг во 2021 година по шпекулациите кои го поврзуваа со Евертон и Арсенал.
„Во иднина можеби би се вратил во Премиер лигата, првично бидејќи ми се допаѓа лигата, но во моментов, апсолутно нема шанси да се вратам. Презадоволен сум од сегашната работа, тие ми веруваат и работиме на голем проект. Лигата е сосема различна, а компанијата ’Ванда’, која е зад клубот е огромна и сака да постави вистинска структура. Тоа е предизвик за мене, големо искуство и навистина сум среќен во моментов“, вели 59-годишниот Шпанец.
Бенитез признава дека бил блиску до клупата на Вест хем во 2015 година, пред Реал Мадрид да го „грабнат“.
„За малку ќе бев во Вест хем, но тогаш дојдоа Реал Мадрид и секако, не можев да им кажам не“, објаснува Бенитез.