Актуелниот европски шампион, Реал Мадрид ја заврши 2022 година со тешко извојувана 2:0 победа кај Реал Валјадолид, откако и покрај доминацијата во текот на целиот меч, двата гола ги дадоа во финишот на мечот, кога на сцена стапи освојувачот на „Златната топка“ Карим Бензема.
Тимот на Карло Анчелоти се мачеше со одбраната на домаќините во текот на целиот меч, и им беше потребен пенал во 82. минута поради играње со рака на Хавиер Санчез. Бензема, кој во последно време беше на насловните страници во Шпанија и Франција поради конфликтот со францускиот селектор Дидие Дешам, кој не го повика за финишот на СП во Катар, беше смирен од белата точка и донесе важно водство за „кралевите“.
Работата на Реал беше олесната откако Серхио Леон доби црвен картон поради неговото однесување по досудениот пенал, така што во 89. минута, Бензема не згреши кога доби одлична топка од Едуардо Камавинга за осигурување на трите поени.
Со победата, Реал, барем привремено, се враќа на првото место на табелата во Ла лига со 38 поени, еден повеќе од Барселона, која утре во градското дерби го пречекува Еспањол.