Директорот на Интер, Бепе Марота признава дека чувствува „иритација“ од коментарите на сопругата и агент на Мауро Икарди, Ванда Нара и предупреди дека Икарди нема да биде добредојден во тимот на „нераѕурите“.
Летово покрај сагата за Нејмар и враќањето во Шпанија, најмногу внимание на пазарот предизвика желбата на Интер да го продаде Аргентинецот и неговото одбивање да оди во било кој клуб освен Јувентус. Сега, Нара во ТВ-интервју во неделата потврди дека тие ќе ги одбиваат сите понуди бидејќи сакаат да останат во Интер и Марота е нервозен.
„Коментарите на Ванда Нара ги дочекавме со мала иритација, поради тајмингот и методот на искажување. Категорично потврдувам дека никој во клубот не му кажал на Икарди да остане во Интер, посебно не претседателот Стивен Жанг. Стратегијата која ја имаме е јасна и секогаш искажана во вистинско време. Ќе продолжиме вака и никој во Интер нема да го смени тоа што важи за сите“, изјави Марота пред мечот Интер-Лече.