Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Димитар Бербатов признава дека би сакал еден ден да седне на клупата на „ѓаволите“ иако нема искуство во тренерската работа.
Бугарската фудбалска легенда имаше 49 гола во 150 настапи за Јунајтед и вели дека ќе биде интересно да се види како Оле Гунар Солскјер ќе се справи со работата.
„Исто како мене и Солскјер е поранешен фудбалер на голем клуб кој сега доби вистинска шанса. Сакам да видам што ќе се случи бидејќи бев дел од Манчестер јунајтед и еден ден сакам да бидам на клупата на клубот. Има неколку ’избрани’ кои добиле шанса во големи клубови веднаш – Пеп Гвардиола и Зинедин Зидан, но Оле ја доби работата преку напорната работа со Молде во Норвешка. Кој знае, еден ден и јас ќе бидам тренер на ’Олд Трафорд’. Амбициите ми се големи“, вели 37-годишниот Бербатов.
Тој додава дека би сакал да почне со работа во Англија, каде што играше и за Фулам и Тотенхем.
„Би сакал да започнам во Англија, бидејќи Премиер лигата ми е во срцето. Иако физички сум на друго место, срцето ме води во Англија. Ги добивам тренерските признанија, гледам како се работи и се надевам дека ќе добијам вистинска шанса“, вели Бербатов.