Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Димитар Бербатов и покрај тоа што многупати во минатото беше фатен со цигара во уста, вели дека се гордее со својата одлука да не стане пушач.
Бугарскиот ас вели дека токму одбивањето на цигарите го покажува менталитетот кој го водеше до голема кариера.
„Кога бев момче во Бугарија сите на моја возраст пушеа. Секогаш ми велеа: ’Берба, земи цигара’. Кога ќе ги одбиев, ме прашуваа: ’Се плашиш? Не си маж?’. Јас им покажав дека сум маж на мој начин. Мене не можеш да ми кажуваш како да се однесувам. Јас го избирам мојот пат и мојот начин. Никогаш не сум пушел, ниту пиел како луд. Мојот татко беше фудбалер и ми ги раскажуваше приказните за фудбалерите кои пропаднаа поради лошите избори. Не сакаш да бидеш таков. Секогаш има лоши избори, но треба да научиш нешто од искуството“, вели Бербатов.
Тој продолжи да го објаснува својот фудбалски пат.
„ Од ЦСКА дојде интересот од Баер Леверкузен. Почнав да играм добро и бев во репрезентацијата. Можеби не бев како Мбапе или Рашфорд, но бев добар. Си заминав сам, со мојот куфер. Во репрезентацијата бев заштитен, но кога стигнав во Германија бев сам. Германскиот јазик е еб.но тежок за учење. На крајот го научив, иако многу работи ми беа страшни. Таму пораснав како човек и како фудбалер“, додава Бербатов.
Токму во Леверкузен тој вели дека го имал совршениот напаѓачки партнер со кого „како да спиел во ист кревет“ – Бразилецот Франка, иако во кариерата играше и со ѕвезди во Манчестер јунајтед и Тотенхем.
„Со Руни и Роби Кин бевме добри партнери. Но, во Леверкузен имав фантастично партнерство со Франка, заедно постигнавме многу голови, а една година го уништивме Баерн со 4:1 со по два гола. Тој не зборуваше ниту англиски, ниту германски и надвор од теренот не зборувавме. Но, на теренот, како да спиевме заедно“, додава Бербатов.