Top Sport

Бербатов: Неуките веднаш да го напуштат бугарскиот фудбал

Димитар Бербатов, легендата на бугарскиот фудбал, отворено повикува на промени во фудбалската организација на таа земја.

Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Тотенхем и Баер Леверкузен, кој е и кандидат за претседател на Бугарската фудбалска федерација, побара конкретни промени по поразот од Литванија во Софија (0:2).

Тој беше остар во својата објава на Фејсбук.

„Две години работиме за доброто на бугарскиот фудбал, се обидуваме да го отстраниме ова зло што го зафати бугарскиот фудбал, овие неспособни луѓе кои владеат со нашиот фудбал. Сите заедно, обединети, не на зборови, туку на дела, мора да направиме се за неуките веднаш да го напуштат бугарскиот фудбал“, вели Бербатов.

Тој, заедно со уште неколку поранешни играчи, меѓу кои и Стилијан Петров, долго време е критичар на состојбите во Бугарската фудбалска федерација. Бербатов побара помош од сите во фудбалската јавност.

„Ако не направиме ништо и останеме неактивни, резултатите ќе бидат исти во клупскиот и репрезентативниот фудбал. Она што го гледаме се резултатите од одлуките на менаџерите кои сега се на чело – какви тренери носат, какви методи употребуваат, каква насока на развој му даваат на нашиот фудбал. Сега и пред години резултатот е нула во однос на напредокот“, додаде тој.

„Ни треба рестарт на фудбалот, нова стратегија за развој, катарза во сите аспекти на спортот во Бугарија. Ова е многу важна и одговорна работа и започнува со активноста на сите нас заедно“, заклучи Бербатов.

Scroll to Top