Фудбалерите на Бетис, попладнево ќе го пречекаат Рајо Ваљекано во специјално изработени дресови направени од кора од портокал и рециклиран материјал. Бетис сака да ја подигне свеста за важноста на борбата против климатските промени, сето тоа во денови кога Андалузија се соочува со разорни дождови.
„Животот во зелено започнува во соседството“, тоа е мотото под кое Бетис ги претстави дресовите што ќе ги носат овој викенд во Севилја.
„Ова е првиот фудбалски дрес направен од портокали. Дизајниран е за да го истакне природното наследство на нашиот град и да испрати порака за високите температури и потребата од подобар квалитет на живот во урбаните средини“, објасни портпаролот на проектот Мерцедес Џеламо Мена.
16 проценти од дресот е направен од портокалови влакна. Остатокот е комбинација од рециклиран полиестер и дрвена пулпа, суровина добиена со сечење дрвени влакна.
Броевите на зелено-белите дресови ќе бидат портокалови и направени со боја без хемикалии која, кога ќе се изгребе, испушта мирис на цвет од портокал.
„Целта е нашата порака не само да се види, туку и да се почувствува“, обајавија од Бетис.
Шпанија беше погодена од девет обилни дождови само во последните два месеци, од кои најсилни беа во јужна Андалузија. Бурите предизвикаа ненадејни поплави, имаше поплави и околу 11.000 луѓе беа евакуирани. Две лица ги загубија животите.
