Евертон го договори трансферот на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун од Монако во вредност од околу 45 милиони евра, а со бонусите, вкупната вредност на зделката би можела да достигне приближно 50 милиони евра.
Напаѓачот, во текот на денот треба да пристигне во Англија, каде што се очекува да помине медицински преглед и да го стави потписот на договорот.
Евертон го означи Балогун како една од своите главни цели по заминувањето на Бето во Фиорентина за околу 17 милиони евра.
Балогун пристигна во Монако во 2023 година од Арсенал, а за францускиот клуб одигра 91 натпревар, постигна 31 гол и забележа девет асистенции.
Според „Трансфермаркт“, неговата пазарна вредност е 50 милиони евра, додека неговиот договор со Монако важи до крајот на јуни 2028 година.
Ова лето, Балогун се најде во центарот на една од најголемите контроверзии на Светското првенство.
На натпреварот против Босна и Херцеговина доби црвен картон, поради што, според првичната одлука, требаше да го пропушти осминафиналето против Белгија.
Сепак, ФИФА подоцна му ја укина суспензијата и му дозволи да игра на натпреварот против Белгија.
Одлуката предизвика бројни реакции откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека лично разговарал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и побарал случајот на Балогун да биде преиспитан.
Инфантино го потврди разговорот со Трамп, но нагласи дека неговата интервенција не влијаела на независноста на дисциплинската постапка.
Балогун на крајот играше против Белгија, но САД загубија со 4:1 и беа елиминирани од Светското првенство.
Во исто време, Евертон работи и на враќањето на Џек Грилиш, кој минатата сезона ја помина на позајмица во тој клуб.
Клубот од „Хил Дикинсин“, исто така, покажува интерес за дефанзивецот на Сандерленд, Трој Хјум, додека трансферот на Ришарлисон од Тотенхем најверојатно нема да се реализира, поради интересот на турските клубови.
Од друга страна, Илиман Ндијај треба да го напушти Евертон и да ја продолжи кариерата во Манчестер Сити.
Foto/ EPA
