Top Sport

Би-би-си: Меси се договорил со ПСЖ

Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси постигна начелен договор за продолжување на договорот со Пари Сен Жермен, објави британскиот сервис Би-би-си. Договорот на Меси (35), кој ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во Катар, му истекува во јуни 2023 година.

Претходно оваа недела, претседателот на Барселона, Џоан Лапорта изјави дека би сакал Меси да се врати во клубот во кој помина 21 година, но шпанскиот фудбалски стручњак Гилем Балаг за Би-би-си изјави дека од Барселона воопшто не воспоставиле контакт со Меси и неговиот татко.

Според Балаг, Меси ќе потпише нов едногодишен договор со францускиот клуб, со опција за продолжување на соработката на уште една сезона.

„Договорот беше постигнат по четиримесечни преговори меѓу спортскиот директор на ПСЖ, Луис Кампос и таткото на Меси, Хорхе, по што следеше клучен состанок во Доха со претседателот на клубот Насер Ал-Келаифи“, изјави Балаг.

Меси пристигна во ПСЖ во 2021 година и досега одигра 53 натпревари и постигна 23 гола.

Лионел Меси е прогласен за најдобар играч на Светското првенство во Катар, откако Аргентина ја освои третата титула на Мундијалот победувајќи ја Франција во финалето на пенали.

Scroll to Top