Тренерот на Лидс, Марсело Биелса вели дека уште е зачуден од тактиката на Пеп Гвардиола и начинот на кој неговите Манчестер сити доминираат во мечевите, и инсистира дека тој не е одговорен за оваа фудбалска филозофија на Каталонецот и покрај убавите зборови од Гвардиола.
Гвардиола повеќе пати го има посочено Биелса како „најдобар тренер на светот“ и бараше состанок со него пред да ја преземе Барселона во 2008 година. Оттогаш, Гвардиола си направи репутација на еден од најдобрите фудбалски тактичари на светот, освојувајќи титули со Баерн Минхен и со Манчестер сити, со кои вчера ја одбрани титулата од Премиер лигата.
Биелса исто така има добра прва сезона во Англија бидејќи со Лидс игра во баражот за пласман во Премиер лигата по 15 години.
„Имам само еден аргумент со кој ќе ја покажам почитта кон Гвардиола – неговата убавина на игра која никој не може да ја копира. Гвардиола гради алфа тимови. Секогаш велеа: ’Што ќе прави Гвардиола без фудбалерите кои ги имаше во Барселона’, и да може да се каже дека тие беа уникатни. Фудбалерите на Баерн Минхен и на Манчестер сити исто така се многу добри, но стилот кој го покажуваат е поважен од индивидуалниот квалитет. Секако, фудбалерите се важни, но тука е неговата способност да биде креативен. Кога ги гледам мечевите на Манчестер сити се чувствувам како некој што не знае ништо. Се обидувам да го копирам и да го сфатам, но не можам“, вели Биелса.